За Нас

Еднаш многу одамна, како што започнуваат сите убави приказни, се случи една идеја. Магијата наречена театар. Театар за деца. Таа идеја започна да расте во 2019 година со куклената театарска претстава Силјан Штркот. Во кино салата МИС СТОН се одигра 10 пати таа претстава, таа идеја не застана таму. Продолживме да сонуваме заедно со неа. Па се случи друга претстава, Новогодишна бајка. Децата се радуваа ние повеќе од нив. Прикажувајќи ја претставата во новогодишната еуфорија, сфативме дека тука не смееме да запреме. Така и беше. Се случи нова претстава, па уште една и уште една…. И се родив јас. Силјан Штркот. Како мало штркче кое се бореше да ја надрасне природната селекција, дојдов до својот 5ти роденден. Пролет е годишното време во кое Ве посетувам и остаанувам во Вас за време на летото. А што има поубаво од тоа да бидете со оној кој Ве прави среќен? За мене е времето поминато со Вас. Моите родендени се нижеа од година во година и ги правевте посебни со Вашето присуство. Затоа Ве канам на мојот 5ти роденден кој оваа година ќе го прославувам 4 дена , во септември во Прилеп. Оваа година ќе се дружиме на крајот на мојата посета кај Вас. Како што треба да го испратиме летото. Таму е моето место, таму се моите другари. Ќе се радувам како и секоја измината година, ќе се дружам, ќе се надградувам, ќе мислам и ќе се забавувам. Заедно со Ваша помош да направам овој мој роденден да биде незаборавен.

Здружението за култура, уметност и социјално претприемаштво МАЛ ТЕАТАР од Прилеп е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси, како и вршење на дејности и активности за поттикнување и развој на културните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи, социјално претприемаштво преку разни облици и форми на културните манифестации, како и учество и организирање на фестивали, манифестации и работилници од областа на културата и уметноста. МАЛ ТЕАТАР Прилеп се стреми кон едукација на младите граѓани најпрво на Прилеп, па потоа на целата држава, па и пошироко. Се залага за подигање на културно забавниот живот на најмладите. Придонесува кон подигање на театарската свест, со своите реализации на театарски претстави, театарски фестивал за деца како што е овој, издавање на литература за деца, учествување на државни фестивали, па се надеваме во иднина дека ќе можеме да се пофалиме со гостување надвор од нашата држава.